Помош од психијатар дневно бараат 600 граѓани

Најчесто се бара помош поради депресивна епизода, анксиозност или невротско растројство

21447269_xxl
Во текот на еден работен ден, од психијатри на државен трошок, помош бараат околу 600 пациенти. Овие лекари имаат сѐ повеќе посети, велат и тие самите, а тоа го потврдува и статистиката. Од година на години расте и бројот на пациенти, кои повеќе не се срамат за проблем да побараат психијатриска помош, а значително расте и бројот на упати. Најчесто граѓаните бараат помош поради депресивна епизода, анксиозност или невротско растројство.

Во последните пет месеци од 2013 година матичните доктори на психијатар упатиле 27.444 пациенти. Во овој период, покажуваат податоците на системот за евиденција и закажување во здравството „Мој термин“, издале 43.832 упати, што значи дека исти пациенти или биле повеќе пати поради контрола, или, пак, оделе за различни дијагнози. Една година подоцна биле издадени 175.722 упати за 73.675 пациенти.
Во 2015 година на психијатар на државна сметка отишле 5.142 пациенти повеќе или 78.817, а биле издадени 182.961 упати. Годинава, пак, до 23 март матичните напишале 47.546 упати за 32.082 пациенти.
Математиката покажува дека во 2014 година просечно дневно се издавале 675 упати, а на психијатар на државен трошок оделе 283 пациенти. Во 2015 дневно  помош добивале 303 осигуреници, а просечно се издавале по 703 упати, додека годинава дневно помош од психијатар барале 583 пациенти, а дадени се 864 упати.
За разлика од развиени држави каде што на психотерапевт или на психијатар се оди за помош за да се решат и тековните животни предизвици, кај нас до неодамна за многумина беше срамота да се побара ваква помош. Пациентите коментираа „не сум луд да одам на психијатар“, несфаќајќи ја потребата од негова помош. Психијатрите сега велат дека граѓаните конечно се освестуваат дека не е срамота да се појде кај нив, дотолку повеќе, што често е доведено во прашање психичкото здравје.

Д-р Соња Невистиќ, психијатарка во Здравствен дом-Скопје вели дека расте бројот на пациенти што доаѓаат во ординација, што укажува на тоа дека се намалува стигматизацијата и луѓето веќе не се срамат да побараат психијатриска помош.

– До неодамна знаеја да искоментираат пациенти „леле и дотука ли стасав“. Сега сѐ повеќе од нив сфаќаат дека да појдат на психијатар е добро за нивното здравје – вели д-р Невестиќ.

Во психијатриските ординации најчесто има пациенти со депресивни епизоди или депресија и анксиозност. Многумина се соочуваат со промени во расположението, многумина долго време погрешно сами се лекувале земајќи седативи на своја рака, а некои долго време не си признавале дека имаат проблем. Така, наместо проблемот со кој не знаат како да се соочат, ги решавале последиците од него. Граѓаните бараат помош поради стресови поради егзистенционални проблеми, изгубен квалитет на живот, неснаоѓање со вредносни системи, проблеми со семејството, лоша комуникација со околината, стравови, но и поради психички болести.

Важно е, објаснуваат лекарите, да се најде причината за стресот и да се научи како да се решава и како поинаку да се доживуваат нештата.

– Мора да најдеме што нѐ релаксира и да го правиме тоа. Исто така, мора и повеќе да комуницираме меѓу себе, да се дружиме. Многу болести се поврзани со депресијата – вели д-р Весна Дамјановска, психијатарка во Здравствен дом-Скопје.

Според податоците од Светската здравствена организација, околу 350 милиони луѓе од сите возрасни групи, националности и други групи страдаат од депресија. Се смета дека во просек секоја петта жена и секој десетти маж во текот на животот ќе искусат барем една сериозна епизода на депресивно растројство.

„Дијазепам“ како бонбонче

Иако расте бројот на граѓани што бараат психијатриска помош сѐ уште стресовите и нервозите голем број од нас ги решаваат сами и, погрешно, со седативи на своја рака. Лековите за смирување веќе со години се на врвот на листата на најиздавана терапија и на државен трошок и приватно. За половина година лекарите пропишуваат околу половина милион рецепти за „дијазепам“ на државен трошок, терапија што граѓаните често ја пијат за смирување. Минатата година пациентите зеле од аптеките 1.008.067 кутичиња „дијазепам“ на државен трошок.
Седативите, објаснуваат лекарите, се лекови што се пијат најдолго три месеци. Тие создаваат зависност. Но има пациенти што ги пијат со години. По одредено време тие не само што не помагаат туку и му штетат на организмот.

Имаме центри за депресија

Помош од психијатар може да се побара и во некој од центрите за депресија отворени во рамки на здравствените домови низ државата. Овие центри, во кои дежура психијатар, се засега слабо посетени.
За центрите за депресија не е потребен упат. Таму не се проверува ниту здравственото осигурување. Сепак, присуството на пациентот се запишува во посебен дневник. Доколку пациентот има потреба од лекување, психијатрите му посочуваат да си закаже редовен термин, преку кој, ако треба, ќе може да добие терапија на државен трошок.
Најчести причини за посета на психијатар

Дијагнози

Мешано анксиозно и депресивно растројство
Други анксиозни растројства
Шизофренија
Депресивна епизода
Други невротски растројства
Акутни и транзиторни психотични растројства
Неозначена деменција
Параноидна шизофренија
Рекурентно депресивно растројство
Главоболка
*извор: Мој термин

Автор: Наташа Бошковска-Златкова-Нова Македонија
natasa.b@novamakedonija.com.mk