Последниот час

Навидум мирен ден во градот. Центарот беше полн со луѓе, впрочем како и секој проклет ден, врвулица од народ и автомобили. На семафорите веќе познатите колони си го имаа зафатено терминот и се редеа автомобили како монистри. Ништо не оддаваше дека тоа е последниот ден од низата. Никој не беше вознемирен, сите си го гледаа патот пред нозе, но во воздухот се чувствуваше немир.

Наеднаш се слушна голем тресок. Чудна светлина се појави на небото, стана уште посветло, иако за крај на декември беше доволно светло. Новата светлина носеше немир со себе, никој незнаеша какво добро, или зло крие во својата утроба. На неколку моменти ништо не се случуваше, времето застана, сите погледи беа свртени нагоре, сите чекаа. Чекаа да видат, а што сега. Никој не веруваше дека крајот е блиску, но ова беше и преголем доказ дека веќе нема време. Сите се однесуваа како полудени, избезумени. Нема време за ништо. Тоа е тоа. КРАЈ.

NowClockLarge

Стравот за момент ги наполни сите срца, целиот центар на градот беше во паника, сите се разбегаа на различни страни. Коли се движеа и по тротоарите, луѓето како избезумени бегаа по улиците, се газеа, никој за никого не се грижеше, секој гледаше да спаси глава ако може. Се ограбуваа празните продавници, луѓе се тепаа на сите страни, се убиваа, рипаа од покриви, се самоубиваа, никој не се грижеше за никој, а некои ни за себе, се беше во крв и солзи. Крајот пристигна, но никој не се надеваше дека навистина ќе дојде, никој не сакаше да верува дека крајот вака изгледа. Алчност, себичност, омраза…зло

На еден час пред  вистинскиот крај, кога светлиот бран од небото веќе го имаше достигнато својот максимум, во предградието се чувствуваше невиден мир и спокој. Да тоа е крајот, крајот на ова лудило, на бесчувствителност, крајот на злото, мора да се збие на едно место сето колективно несвесно и да се уништи. Крајот е за нов почеток, бидејќи крај непостои, се е бесконечно.

Се слушаа само гласови на неколку деца кои си играа со сенките кои ги правеа со своите раце, им беше убаво. Возраста веќе не беше важна, има уште еден саат. Долги 60 минути во исчекување на неизбежното, еден саат да ги прегрнеме милите, да споделиме љубов, да споделиме нежност, еден саат да побараме прошка за ненамерните грешки, еден саат да се држиме за рака. Колку  трае еден саат? Колку трае еден живот?

Колку што човекот сака и е сакан!  Затоа сакајте се.

Слаѓана Димитровска – Кими 2012г